Министерот за образование и наука Панче Кралев го посети Државното средно училиште за применети уметности „Лазар Личеноски“ кое неодамна беше реновирано со средства од МОН во износ од 40 милиони денари.

– Можеме да видиме дека условите во кои учат учениците се подобрени, со тоа што постоечкиот дел е DSC_3669реконструиран и надграден. Сега има доволно простор за одвивање на наставата. Исто така, има и мала галерија каде учениците ќе можат своите дела да ги истакнуваат и промовираат. Ова е една тековна инвестиција на МОН и на Владата во рамки на активностите обновување на образовната инфраструктура во државата, истакна министерот Каралев.

Директорот на училиштето Ицко Петрески изрази благодарност за реновирањето на училиштето од името на како што рече, сите ученици, професори и родители.

– Просторните услови се подобрени и сега може наставата да се одвива поквалитетно. Во наредните години ќе работиме да се подобри и снабдувањето со потребните материјали со кои работат учениците. Ова е специфично училиште, специфична струка и бара многу финансии во однос на материјалите, рече Петрески.

При посетата на училиштето, беше откриена бронзена статуа на уметникот Лазар Личеноски, чие име го носи училиштето, која е донација на скулпторот Димитар Филиповски, професор во училиштето, и е по повод еден век од раѓањето на Личеноски, еден од основоположниците на македонското современо сликарство.

– Донацијата е чин на почит кон овој наш великан. Сметам дека оваа статуа на Личеноски треба да отвори пат, односно до него во догледно време да се најдат Никола Мартиновски, Димо Тодоровски, како и други истакнати уметници кои овде биле  професори или директори, бидејќи на тој начин ние ќе градиме традиција во културата, истакна авторот Филиповски.